По 18-ти пат ултрамаратонците трчаат во чест на Тоше Проески
На 16 октомври, се навршуваат 18 години од смртта на нашата најголема музичка ѕвезда, Тоше Проески. По тој повод Македонските ултрамаратонци: Даријан Капричевски, Мартин Димовски, Анастас Ангелески, Анчев Даниел, Никола Николоски, Фидан Арсовски, Стефан Спасовски, Влатко Семенаков и Наум Капричевски, го трчаат 18-ти по ред маратон на релацијата Нова Градишка-Крушево.
Маратонците во Загреб ја посетија црквата Света Злата Мегленска, каде беа пречекани од Амбасадорот на Македонија во Хрватска, Н.Е. Драган Ѓурчевски, директорката на Македонскиот културно информативен центар во Загреб, Мими Ѓоргоска-Илиевска и парохискиот свештеник на МПЦ во Хрватска, протореј ставрофор Кирко Велински.
Маратонците се очекува да пристигнат во Крушево на 16 октомври, на годишнината од смртта на Тоше.
Традиционалниот ултрамаратон е симбол на животната енергија и филозофија на Тоше Проески со порака дека времето е релативно, животот е само еден миг, но споменот за вредните дела останува вечен.
Оваа година маратонот е во организација на семејството на Проески, ултрамаратонците кои ги предводи и овој пат Наум Капричевски, и со поддршка на Универзитет Скопје.
Тоше Проески го загуби својот живот во тешка сообраќајна несреќа на 16 октомври 2007 година, кај Нова Градишка. Живи останаа, но со повреди, возачот на возилото, како и Љиљана Петровиќ, менаџерката на Тоше.
StrugaOnline

