Лев банер Десен банер

Реконструкција на регулацискиот објект на реката Црн Дрим, познат како „дрвениот мост“ во Струга

АД ЕСМ, преку својата подружница ХЕС Црн Дрим, започна со активности за реконструкција и санација на едно од најпрепознатливите  обележја во градот Струга–регулациониот објект познат како „дрвениот мост“, преку кој се врши регулација на истекот на водите од Охридското Езеро во реката Црн Дрим, а со тоа и заштита на градот од поплави. Работите започнаа пред околу две недели и веќе се во напредна фаза, а нивното завршување се очекува до крајот на месец октомври – изјави Гоце Божиновски, директор на Подружница ХЕС Црн Дрим.

Со овој зафат, истакнува Божиновски, мостот ќе го задржи својот автентичен изглед и историски карактер, со што ќе се обезбеди негова целосна функционалност за регулација на истекот на водата, како и зголемена безбедност на пешаците кои секојдневно поминуваат преку него. На тој начин, објектот ќе продолжи да ја има својата значајна улога – и како дел од хидросистемот на Црн Дрим, и како симбол на градот Струга, препознатлив и за граѓаните и за бројните туристи.

АД ЕСМ останува посветен на унапредување на хидротехничките објекти и примената на современи стандарди за управување со водните ресурси. Во наредниот период ќе се изготви основен проект за автоматска контрола на испустот и далечинско управување со нивото на Охридското Езеро и реката Црн Дрим, со цел да се обезбеди поефикасна и еколошки одржлива регулација.

Со зачувувањето и модернизацијата на овој објект, АД ЕСМ потврдува дека вложува во проекти кои ја спојуваат традицијата со современото инженерство и кои имаат позитивен придонес за локалната заедница, животната средина и развојот на регионот на Охридското Езеро и реката Црн Дрим.

StrugaOnline

error: