Лев банер Десен банер

МРТ: Македонија планира учество на Евровизија 2027 година

Според документот, директорот Захарија Вулгаракис изразил став дека учеството на Македонија во минатото било сериозен организациски и финансиски товар за јавниот сервис, поради што е донесена одлука да не се аплицира за натпреварот во 2026 година. Наместо тоа, фокусот ќе биде ставен на развивање долгорочна стратегија, со цел враќање во 2027 година со „квалитетен производ и јасна концепција“.
„Доколку повторно се аплицира за Евровизија, неопходна е добра стратегија и силна продукција. Засега е подобро да се вложува во домашните фестивали како ‘Цветници’ и ‘Скопски фестивал’, за развој на домашната сцена“, се наведува во записникот.
Ова значи дека Македонија втора година по ред ќе ја пропушти Евровизија, откако не учествуваше ниту во 2023, ниту во 2024 година, главно поради финансиски ограничувања.
МРТ најавува дека во текот на 2026 година ќе се инвестира во домашни фестивали, ќе се поддржуваат локални автори и изведувачи, а ќе се работи и на создавање стабилна продукциска инфраструктура. Целта е да се обезбеди квалитетен настап и континуитет во претставувањето на македонската музика на меѓународната сцена.
Директорот Вулгаракис објаснил дека секое учество бара значителен буџет, логистика и координација, кои често ги надминуваат ресурсите на јавниот сервис. Сепак, тој не ја исклучил можноста Македонија да се врати силно на Евросонг во 2027, ако се обезбеди добра подготовка и партнерства со домашни и странски продукции.
„Нашата цел не е само да учествуваме, туку да направиме настап што ќе ја претстави Македонија со достоинство и современ звук кој може да се мери со европските стандарди“, стои во заклучокот на МРТ.

StrugaOnline

error: