Стружанецот Ердал Лушо тргнува сам со едрилица преку Атлантикот – Од Португалија до Кариби за 40 дена
Стружанецот Ердал Лушо од Струга, тргна на херојска мисија – 16 месеци сам ја градеше својата едрилица „Пиксел“ и наскоро ќе ја започне пловидбата преку Атлантскиот Океан. Тој се натпреварува против 7 учесници од целиот свет – единствените кои успеаја да се квалификуваат за оваа адреналинска трка. Ердал Лушо е еден од осумте учесници на оваа трка од целиот свет кои успеале да се квалификуваат на трката.
Сите учесници, според правилата, сами мора да ја изградат својата едрилица.
А потоа, кога ќе почне трката, пловејќи во едрилицата без мотор, водени само од ветерот и своите способности за управување и тактики, треба да го поминат Атлантскиот Океан, па од Португалија да стигнат до Карибите.
Ова е исклучително напорна трка и бара огромна подготовка, а Ердал освен подготовките на едрилицата, се подготвуваше и на вода.
Тој веќе е во Португалија, каде што вчера (11.11) требаше да започне трката, која трае 40 дена, но поради лошото време стартот е одложен за неколку дена.
„После топлиот пречек во Лисaбон тројца тргнавме према Сагреш стартната точка на соло прекуокеанската трка. За жал стартот е одложен поради лошото невреме пред нас така што се преместивме во Портимао за да се заштитиме од невремето.
Наредниве неколку дена ќе ги поминеме во марина сите осум учесници заедно, па ќе ја искористиме приликата за одмор и подобра припрема пред првата етапа“, напиша тој на Инстаграм, каде што сподели и видео со своите следбеници.
Патувањето на Ердал ќе може да се следи во живо преку https://live.garmin.com/erdalluso.
А оние што сакаат да донираат и да го помогнат подвигот на Лушо, тоа може да го направат преку страницата WhyDonate.com.
StrugaOnline

