АХВ изрече забрана за работа на продавници за храна во Струга и Охрид, во и околу основни и средни училишта
Петнаесет сендвичарници, бурекџилници и продавници за храна, во Скопје, Охрид, Струга, Битола, Велес, Штип, Прилеп и Струмица, кои се наоѓаат, во и околу, основните и средни училишта, односно таму каде учениците најчесто купуваат храна, добиле забрана за вршење на дејност од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Директорот на АХВ, Оливер Миланов, за Телма вели дека во акцијата која била спроведена на територијата на целата држава, инспекторите на АХВ изрекле и парични казни за 77 оператори со храна, во вкупна вредност од 36.470 евра во денарска противредност.
– Петнаесет забрани за вршење на дејност изрече Агенцијата за храна и ветеринарство на оператори со храна во рамки на 445 инспекциски контроли кои ги спроведе во изминативе десеттина дена. Како небезбедни, АХВ заплени и нештетно уништи 696 килограми небезбедна и храна од непознати добавувачи, изјави Миланов.
Инспекторите на АХВ утврдиле и дека 19 оператори во промет ставиле небезбедна храна, додека кај 30 е утврдено дека немаат задоволителни хигиенските прописи за безбедност на храната.
– Од вкупно контролираните, 26 не биле регистрирани како оператори со храна во Агенцијата за храна и ветеринарство. Шеснаесет оператори немале имплементирано процедури за Добра хигиенска и Добра производствена пракса, а дури 32 немале спроведено задолжителен здравствено-саниратен преглед на вработените лица, напомена Миланов.
Во акцијата на Агенцијата за храна и ветеринарство, во која учествувале педесетина инспектори, утврдено е и дека тројца оператори со храна немале спроведено задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација во објектите, а 7 од контролираните објекти не ги задоволувале техничките услови за вршење на дејноста. Контролите откриле и несоодветно означена храна кај седум оператори со храна.
Извор: Тв Телма
StrugaOnline

