Стружанецот Ердал Лушо ја започна трката „Светски предизвик на Атлантикот“, ќе едри од Португалија до Карибите
Откако стартот беше одложен за неколку дена поради лошите временски услови, стружанецот Ердал Лушо и останатите учесници ја започнаа легендарната трка „Светски предизвик на Атлантикот“.
Тие треба да пловат сами неверојатни 40 дена, во обид да го преминат Атлантикот, од Португалија до Карибите.
– Бурата помина, но ветерот сепак нема да биде слаб. Имаат тешка трка пред себе и над 700 милји во овој дел. Најчесто ќе дува ветер од околу дваесет јазли. Среќно, порачаа организаторите.
Од вкупно 18 учесници, само 8 ги поминаа елиминациите. Натпреварувачите претходно од Лисабон отпловија до Сагреш избегнувајќи го лошото време, по што пристигнаа во Портимао.
Стружанецот Ердал Лушо 16 месеци сам ја градеше својата едрилица „Пиксел“. Тој се натпреварува против 7 учесници од целиот свет – единствените кои успеаја да се квалификуваат за оваа адреналинска трка. Ердал Лушо е еден од осумте учесници на оваа трка од целиот свет кои успеале да се квалификуваат на трката.
Патувањето на Ердал ќе може да се следи во живо преку https://live.garmin.com/erdalluso.
А оние што сакаат да донираат и да го помогнат подвигот на Лушо, тоа може да го направат преку страницата WhyDonate.com.
StrugaOnline

