До нашата редакција пристигна писмо од професор Мухамет Борова од Струга со наслов: ЕДЕН СТАРЕЧКИ ДЕН !

Ви го пренесуваме во целост:
Сите сакаме долговечност, но не и старост. Староста е благословена судбина, но и една изразена монотонија. Животот во староста се развива со истата рутина. Старите лица немаат идеали, немаат визии, туку само години! Деновите ги минуваат без креативност, поради што денот им изгледа многу долг. Нивниот живот е лишен од витална енергија. Никој не обрнува внимание на нивната историја. Нивните совети немаат никакво влијание. Тие живеат со носталгијата на поранешните спомени. Но, сепак во центарот на нивното битие е љубезноста и бескрајната благодарност.
Тие стануваат рано, затоа што рано спија! Спијат како да биле во „кома“, но кога ќе се разбудат се жалат дека лошо спиеле! Со голем занес сакаат да помогнат со домашните работи, но најчесто пречат. Паничат кога апчињата се речиси завршени, се плашат дека ќе им снема пред да заврши месецот! Постојано се жалат за болки во коските, предупредувајќи за временските промени. Старите лица забораваат дека „смртта“ не ја предизвикува стареењето, туку заборавот! Тие со ентузијазам прифаќаат да го прават секојдневното пазарување, но секогаш купуваат погрешни работи од она што им е нарачано.
Тие зборуваат за минатото, колку работеле и страдале, за достигнувањата кои нивното семејството денес ги ужива! По секој оброк, го мерат крвниот притисок. Постојано се жалат на крвниот притисок, нивото на шеќер и проблемите со простатата! Мислат дека староста дошла веднаш, а не постепено.
Постарите лица мислат дека животот ќе биде полесен ако децата се покрај нив,во нивната близина. На тој начин, се чувствуваат посигурни од стравот на осаменоста или било каква можна болест. Забораваат дека децата имаат свој живот, своја судбина. Забораваат дека децата имаат свои деца кои мора да пораснат, да се воспитуваат, да се образуваат, да се вработат и да се оженат. Се грижат кога нивните деца емигрираат, но се радуваат кога инвестираат за нивната грижа.Се радуваат на секој краток телефонски разговор.
Оние кои на стареењето гредаат како на нешто убаво, како дар од Бога, нивниот живот е секогаш со ведар дух! Староста е триумф на возраста над времето, нова форма по ликот на човекот, книга напишана во „релјефот“ на збрчканото лице. Старите луѓе учеле од големата книга на животот, но никој нема трпение да ги слуша нивните лекции! Возраста ги разделува генерациите, љубовта ги обединува и повторно ги поврзува!