Започна иницијативата „Гласот на крајбрежјето“ за млади ученици од Струга
Здружението за култура и уметност „Арт Манија“ – Куманово и тимот „Соларис“ – Струга ја започнаа иницијативата „Гласот на крајбрежјето“, активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд. Проектот е наменет за ученици/ученички од основно образование и има за цел да ја поврзе еколошката едукација со театарот и креативното изразување.
Во рамки на иницијативата ќе се реализираат три креативни работилници – за костимографија, сценографија и глума – како и три еко-акции на езерското крајбрежје и 5 изведби на претставата ,, Петар Пан – Големата битка“. Преку овие активности, младите учесници/учеснички ќе имаат можност да:
- учат како се создава театарска претстава,
- работат на костими и сценски елементи од користена облека и рециклирани материјали,
- учествуваат во глумачки вежби и групна работа,
- се вклучат во активности насочени кон зачувување и нега на природната средина.
Учесниците ќе бидат вклучени во целиот процес како дел од театарски тим – од првите идеи до конечната реализација на претставата „Петар Пан- големата битка“, во која ќе се користат костимите и сценографијата што тие самите ќе помогнат да се создадат.
За проектот „Култура за развој“
Проектот „Култура за развој“ го поддржува независниот културен сектор во Република Северна Македонија, користејќи ја културата и уметностите за поттикнување критичко размислување за општествените прашања важни за локалните заедници. Целта е да се стимулира поотворено и демократско општество преку јакнење на социјалната кохезија, демократските процеси и општествениот дијалог, како и преку охрабрување на соработката меѓу културните институции. Проектот „Култура за развој“ е поддржан од Владата на Швајцарија, а се имплементира од страна на Хартефакт Фонд од крајот на 2024 година до крајот на 2028 година.
StrugaOnline

