Лев банер Десен банер

Спортскиот клуб „Соларис“ Струга слави 15 години постоење

-Петнаесет години не се само број. Тие се сведоштво за истрајност, визија и за луѓе кои веруваат дека спортот може да биде многу повеќе од само игра, дека може да биде начин на живот, простор за прифаќање различности и платформа која носи позитивни општествени промени, велат од Спортскиот клуб „Соларис“ Струга.

„Соларис“ започна во 2010 година во Струга, како иницијатива на поранешни спортисти и вљубеници во спортот со едноставна, но силна идеја дека спортот е за сите. Од првите велосипедски и планински тури низ Струга и регионот, преку ориентација и еко-активности за деца, до воведувањето на кајак турите и развојот на инклузивни спортски настани, клубот постепено израсна во препознатлива спортско-рекреативна и општествено -одговорна приказна на градот.

Фотографиите кои ќе бидат изложени во сабота не се само визуелни спомени. Тие се сведоци на патувања, насмевки, физички предизвици, солидарност и заедништво. Во нив се врежани приказни од Јабланица, Караорман и Галичица, од водите на Охридското Езеро и Црн Дрим, од настани што ги спојуваат луѓето без разлика на возраст, пол, способности или социјална средина.

Особено место во историјата на „Соларис“ има инклузивниот настан “Весламе за ретките” како алатка за подигање на свеста, поддршка и еднакви можности. Токму тука се потврдува нашата мисија – дека вистинската вредност на спортот е во неговата способност да ги зближува луѓето.

Спортскиот фестивал “Илинден” игра значајно место во клубскиот развој зошто е создадем со срце, како рефлексија на духот на стружани и вредноста на градот убав. Во изминатите години и во овој контекст Спортскиот клуб „Соларис“ ја прошири својата визија и надвор од локалните рамки, преку учество во меѓународни проекти и Еразмус + Спорт иницијативи, носејќи ја Струга и нејзиниот природен и човечки потенцијал на европската спортска мапа.

-Оваа годишнина е и момент на благодарност до волонтерите, партнерите, учесниците, пријателите и сите оние кои веруваа и придонесоа „Соларис“ да опстои и да расте. Гледајќи напред, остануваме верни на истите вредности: инклузивност, одржливост и спорт достапен за сите. Оваа изложба е потсетник на патот што го поминавме и инспирација за сè што допрва следува, додаваат на крај од Спортскиот клуб „Соларис“ Струга.

StrugaOnline

error: