Со дефиле под маски денеска продолжува Вевчанскиот карневал
Синоќа со музичката програма започна Вевчанскиот карневал, едно од главните обележја за празникот Св. Василиј, односно Василица. Настапија рап-дуото „Пука козметика“, „Влатко Лозаноски бенд“, „Брас брадрс“ исто така настап имаше и бендот од Белгија „Ла Мурга Армада“ кој има цел репертоар тесно поврзан со почитување на карневалите.

Централната карневалска поворка ќе се одржи денеска, василичарските поворки тргнуваат низ Вевчани, секоја маала со своја група, свој ритам и свој печат. Неизоставни се Зетот и Нестата, традиционални маски кои го симболизираат животот, плодноста, новиот почеток. Тие не се само улоги – тие се благослов во движење. Со нив доаѓаат Глупи Августи, ѓаоли, а потоа и сите останати маски: свештеници, политичари, митски суштества, ликови од секојдневието и од светските случувања.
Вечерва на програмата е народна музика, каде ќе настапат Благоја Грујовски, Влатко и Златко Миладиновски со оркестарот и за на крај на вечерта Оркестар со зурли и тапани од Вевчани, Перо Бели и групата „Вип“ кои традиционално ќе ги испратат карневалците на изворите.
Манифестацијата завршува утре со традиционалното василичарско оро и палење на маските во центарот на Вевчани.
StrugaOnline

