Ердал Лушо – стружанецот што го премина Атлантикот во посета на Општина Струга
Денес, градоначалникот на Општина Струга Менди Ќура, оствари средба со Ердал Лушо од Струга, првиот Македонец кој се впушти во соло трансатлантско патување со сопствена изградена дрвена едрилица. Она што оваа авантура ја прави уште посебна е фактот што пловилото е изработено од дрво засадено од неговиот дедо – симбол на длабока поврзаност со корените, традицијата и семејното наследство.
За време на средбата, Ердал Лушо сподели детали за предизвиците и ризиците со кои се соочувал за време на долгото и неизвесно патување преку Атлантскиот Океан. Тој зборуваше за моментите на осаменост, борба со природните стихии, но и за истрајноста, внатрешната сила и непроценливото искуство што го стекнал во една авантура која ги поместува границите на човечката издржливост.
Градоначалникот истакна дека Струга е исклучително горда на својот сограѓанин, кој со овој подвиг не ја претставува само личната храброст и визија, туку и градот и државата на меѓународната сцена. Тој нагласи дека Општина Струга и понатаму ќе биде поддршка за Ердал Лушо во неговите идни проекти, предизвици и соништа.
Приказната на Ердал Лушо е инспиративен доказ дека со храброст, посветеност и љубов кон корените, секој сон може да стане реалност. Таа потсетува дека најголемите патувања започнуваат од срцето – токму тука, од Струга.
StrugaOnline

