Лев банер Десен банер

Општина Струга во 2025 година со околу 500 илјади евра долг на училиштата

Општина Струга ја затекна 2025 година со сериозни финансиски обврски кон основните образовни институции на нејзина територија. Станува збор за наследени долгови од минати години, кои актуелното раководство е должно да ги сервисира со цел училиштата да функционираат непречено и без ризик од блокади.

Според официјалните податоци, вкупниот долг на училиштата заклучно со 31 декември 2025 година изнесува приближно 500.000 евра. Овие обврски се однесуваат на повеќе основни училишта во Струга и населените места, а најголемиот дел од средствата се должат за греење, нафта, превоз, електрична енергија, вода, телефонски услуги, како и за судски постапки и извршители.

Меѓу училиштата со најголеми наследени долгови се ОУ „Ашим Агуши“ од Радолишта со долг од 6.700.000 денари, ОУ „Браќа Миладиновци“ од Струга со 5.500.000 денари, како и ОУ „Јосип Броз Тито“ од Струга со 3.640.000 денари. Значителни обврски имаат и училиштата во Драслајца, Велешта, Делогожда, Лабуништа, Подгорци, Октиси, Горно Татеш и Јабланица.

Од Општина Струга посочуваат дека, и покрај сериозната финансиска состојба, остануваат посветени на одговорно и транспарентно управување со јавните средства. Како што наведуваат, секој денар што им припаѓа на граѓаните ќе биде наменет за нив, со јасна цел – стабилизирање на институциите и подобрување на квалитетот на живот.

„Нема да бегаме од проблемите. Ќе ги решаваме системски, чесно и одговорно“, порачуваат од локалната самоуправа, додавајќи дека сервисирањето на наследените долгови е приоритет за обезбедување стабилна и функционална иднина за образовниот систем во Струга.

StrugaOnline

error: