Лев банер Десен банер

Охридското Езеро со најдинамични промени во бројноста на водните птици

Над 35.300 единки од вкупно 44 различни видови на водни птици се евидентирани за време на годинашното зимско пребројување на птици на трите природни езера во Македонија, меѓу кои и Охридското Езеро, кое повторно се издвојува како едно од најзначајните, но и најчувствителни водни живеалишта во земјата.

Зимското пребројување се спроведува секој јануари од 2010 година наваму под водство на Македонското еколошко друштво (МЕД), како дел од Меѓународниот зимски цензус на водни птици. Според анализите, токму на Охридското Езеро се регистрираат најдинамичните промени во популациите на птици во споредба со Дојранското и Преспанското Езеро.

„Додека популациите на Дојранското Езеро, иако мали, се стабилни, а на Преспанското се забележуваат флуктуации, промените кај Охридското Езеро се најизразени. Причините за ваквите трендови ќе се утврдуваат по детална анализа на сите релевантни фактори и во споредба со податоците од другите европски земји“, вели Данка Узунова, орнитолог и проектна координаторка во МЕД.

Според експертите, водните птици претставуваат исклучително важен биолошки индикатор за состојбата на екосистемите. Преку нивното присуство, отсуство и бројност може да се следи здравјето на водните живеалишта, како и влијанието на загадувањето, климатските промени, измените во водниот режим и губењето на природните станишта.

Зимското пребројување се спроведува синхронизирано во илјадници влажни подрачја низ светот, со примена на стандардизирани методи, што овозможува следење на долгорочните трендови и утврдување на меѓународната важност на водните подрачја како што е Охридското Езеро. Собраните податоци имаат клучна улога во креирањето политики и мерки за заштита, како на национално, така и на меѓународно ниво.

„Овие податоци се значајни за меѓународните конвенции и договори, како Рамсарската конвенција, AEWA и директивите на Европската Унија за заштита на дивите птици, бидејќи претставуваат еден од најсилните системи за рано предупредување за влошување на состојбата на водните живеалишта и биодиверзитетот“, дополнува Узунова.

Пребројувањето на птиците на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро се реализира истовремено и прекугранично, со учество на соработници од Националниот парк „Галичица“, Паркот на природата „Езерани“, како и организации и институции од Албанија и Грција. Во процесот активно учествуваат и бројни волонтери – научници, истражувачи и љубители на природата, чиј придонес е од непроценлива важност.

Инаку, зимското пребројување на птици во земјава е дел од глобална иницијатива што се спроведува веќе 60 години и се вбројува меѓу најдолготрајните програми за граѓанска наука во светот. Досега, во рамки на овој цензус се евидентирани речиси две милијарди птици и се идентификувани илјадници водни живеалишта од меѓународно значење, меѓу кои и уникатното Охридско Езеро.

Извор: МЕД

StrugaOnline

error: