Прославен празникот зимски Спасовден во горниот манастир „Свети Спас“ Вевчани
Во живописната природа над селото Вевчани, скриен меѓу густото зеленило и дабовата шума, речиси еден век тивко опстојува манастирот „Горни Свети Спас“ – вистински духовен бисер и малку познато светилиште кое плени со својата едноставност и мир.
Манастирот е издигнат не многу високо над селото и претставува место каде природата и духовноста се спојуваат во ретка хармонија. Во негова непосредна близина се наоѓа и новоизградениот голем крст, кој доминантно се издига над манастирскиот комплекс и дополнително го нагласува значењето на ова свето место.
Црквата во рамки на манастирот е скромна по димензии, што упатува на тоа дека светилиштето веројатно постоело и многу порано, додека манастирската градба била подигната подоцна. Според иконописот, манастирот може да се датира од втората половина на XIX век. Особено значајна е престолната икона „Вознесение Христово“, изработена во 1894 година од познатиот зограф Крсто Николов од Лазарополе.
Во поново време, во близина на манастирот е изграден и прекрасен конак, кој служи за преноќување на мештаните и посетителите, особено за време на верските празници.
Како што посочува хроничарот Анастас Ќушкоски, празникот Спасовден во Вевчани се одбележува трипати во годината – пролетен (во мај или јуни), есенски (во ноември, во четврток пред Митровден) и зимен (во јануари, последен четврток пред Танасовден). Зимскиот празник е воспоставен поради печалбарите, додека есенскиот се одржува за здравје на добитокот. Свети Спас се смета за заштитник на селото и има особено место во духовниот живот на Вевчани.
Вевчанци ги покануваат сите љубители на природата, духовноста и традицијата да го посетат манастирот „Горни Свети Спас“, не само за време на празниците, туку и во текот на целата година, за да го почувствуваат мирот и убавината на ова уникатно светилиште.
Текст: Стојан Кукунешоски
StrugaOnline

