Претставата „Ана Комнена“ ќе се игра вечерва на „Охридско лето“
Вечерва, во склоп на фестивалот „Охридско лето“ ќе биде одиграната Театарска претстава „Ана Комнена“ од Сашо Димоски во режија на Ненад Витанов и Васил Зафирчев,
во продукција на Јордан Хаџи Константинов Џинот Н.Т Велес, Р. Македонија. Почетокот е закажан за 21:00 часот во Предворјето на Црквата Св. Софија.

Претставата ја третира личната драма на византиската принцеза Ана Комнена која иако е легитимен претстолонаследник на византискиот престол, не успева да застане на чело на империјата само затоа што е жена.
Авторот на текстот Сашо Димовски и режисерот Васил Зафирчев оваа театарска претстава ја опишуваат со зборовите:
-„Ана Комнена“ не е историска драма ниту драма на историјата, туку современ драмски прочит кој го преиспитува историскиот контекст и феноменот на власта, но и сите политички, социолошки, културолошки и уметнички референци на Византија како империја во нивните универзални значења и вредности. Градена е на три основни концепти како што се родовото устројство на светот, позицијата на жената во власта и преиспитување на концептот верба, позицијата на Бог, прочитана од сите можни перспективи што го засегаат човековото битие.

