Петтото јубилејно издание на фестивалот „ДримON“ кој се одржува од 26-ти до 30-ти јули носи програма која ги задоволува сите вкусови и сите генерации
Првиот фестивалски ден е насловен „Република депонија“ и го адресира проблемот со загадувањето во Струшката депонија, но и оди чекор понатаму – го става прашањето за проблемот со загадувањето воопшто. Освен панел дискусијта на Граѓанската иницијатива „Доста“, и проекција на филмови, „Република Депонија“ – продукција на „Кадар“ и „Wasteland” во соработка со „Македокс“, овој ден ќе ја постави зелената зона во која ќе бидат лоцирани киното, работилниците, книжарата и базарот на фестивалот. Сетингот е овозможен во соработка со „Мрдни со прст“. Неколку уметници мрдаат со прст и на тридневната „Треш колонија“ – уметнички инсталации од отпад дониран од домаќинствата. Во хотел „Дрим“, пријател на фестивалот, ќе биде отворена изложбата на плакати во соработка со Полската амбасада, „Македонија како туристичка дестинација“. Во вечерниот термин од 20 часот во фоајето на центарот за култура е отворање на ликовниот павилјон на „Паратисима“ во кој со свои дела ќе бидат претставени четири авторки, како и изложбата на фотографии на Наташа Гелева, насловена „Фрагментација“. Ова е првиот настан од фестивалската селекција „За женски каузи“ – поддржана од ад хок грант на програмата на „Цивика Мобилитас“.
„Пристап(о)способност“ е насловот на вториот ден на „ДримON“, кој се отвора во 9 часот со авантурата за деца „Природно наследство – скриено богатство“. Тридневната авнтура ќе се одвива на неколку локации од значење за светското природно и културно наследство во Струга, а е осмислена како истражувачка екскурзија. Од 17 часот е работилницата со „Фаринас хендмејд“ за фосилизација на уметност од отпад.
Во 19.30 на Летна сцена, ќе биде отворена изложбата „AcessAbility“, на која ќе бидат претставени фотографии и приказни кои ги прикажуваат предизвиците и успесите на лицата со посебни потреби. Автор на фотографиите е Томислав Георгиев, а на текстот Небојша Илијевски од агенцијата „Холистик“, а изложбата е организирана во соработка со Шведска амбасада. Од 20 часот е мотивационата говорница со Александар Матовски Цако, а од 21 часот во кино зоната на фестивалот ќе ги погледнеме филмовите „24.док“ на Јане Алтипармаков направен како дел од проект на Здружението за поддршка на деца и млади со попреченост Сината Птица и „Важноста да можеш да си ги заврзеш чевлите“ на Лена Копел – Шведска. Од 22 часот е закажан концертот на белградската електро поп музичарка Сана Гариќ, а вториот фестивалски ден се затвора со забава со диџеи од Фестивалот „De: Sonanz“, која ќе започне точно на полноќ.
Петок, 28-ми јули , односно третиот ден на „ДримON“ е насловен „На ти го- дај ми го“ и започнува повторно со утринскиот термин од 9 часот, кој е резервиран за авантурата за деца „Природно наследство скриено богатство“, додека од 16.30 следи работилница за деца „Креативни со отпадот“. Од 17 е повторно работилницата на „Фаринас хендмејд“ – „Фосилизација на уметност од отпад“, а во 18 е „Треш колонија“. Во 19 часот, позади главна сцена е претставата на Театарот за деца и младинци, „Гига мега бајка“. Промоцијата на 26.број на уличното списние „Лице в лице“ и отворање на изложба на постери, насловена „Бегалци во сопствената земја“ ќе биде од 19.30 часот, а публиката ќе има можност да види и чуе за проблемите со кои се соочуваат повратниците, како и предизвиците за нивна интеграција во земјава.
Следи отворена дебата на тема медиумски клиентелизам, насловена „На ти го -дај ми го“, на која новинарот Ѕвездан Георгиевски и медиумската аналитичарка Емилија Петровска Камењарова, заедно со публиката а под модераторство на Небојша Илијевски ќе понудат прашања и одговори за тоа како младата публика може и треба да ги избегне манипулациите со информацијата кои нè пресретнуваат во медиумие и на социјалните мрежи.
Од 21 часот е проекција на филмови од призренскиот фестивал „Докуфест“, а во вечерниот термин од 22 часот е резервиран за вжештена танцувачка атмосфера, која ќе ја обезбеди кој ако не концертот на „Фолтин“. Овој фестивалски ден се затвора со настапи на миланскиот диџеј Ardimann и домашната поддршка Natty Fiyah SS.
„Жени со мустаќи“ , саботниот ден на фестивалот ја носи утринската авантура за деца, продолжува со работилница за деца во која ќе се реупотребува отпад, а од 17 часот следи презентација на „Од нула до нула“ – како домаќинствата да го намалат создавањето на отпад.
Презентацијата на „Паратисима Скопје“ е од 19.30, на Летна сцена, додека од 20 часот следи дебатата која е централен настан од селекцијата „За женски каузи“ поддржан од „Цивика Мобилитас“, „Жени со мустаќи“ – во едната рака метла и запршка во другата книга и соништа, која ќе ја води новинарката и активистка Ана Јовковска, а на која ќе учествуваат Ана Василева и Албулена Карага.
Од 21 часот на киното на „ДримОN“ киното следат кратки филмови од Астер фест во селекција на Влатко Галевски, па концертот на српските „лоши момци“ – „Бед копи“. Вечерта ја заокружува популарниот диџеј Гоце САФ.
Последниот ден носи наслов „Приградски хулигани“ каде во пладневните термини публиката ќе може да ги погледне изложбите од работилниците во претходните денови, во паркот , како и завршените инсталации од „Треш колонијата“, на различни локации во градот, а во 17.00 во фоајето е танго работилницата насловена „Да се сретнеме на половина пат“ со „Фамилија Тангови“. Од 20 часот, публиката ќе има можност да ја види театарската претстава „Да го поздравиш и да ми го бациш“ во продукција на „Артопија“ , која е авторско дело на четворица актери и еден режисер и која ја раскажува приказната за растењето, носејќи соништа за себеостварување и соочување со општествените механизми на функционирање.
Следува музички докуметарен филм, па концеротот на „TrendKill“ и Sybil. Честа да го затворат петтото издание на „ДримOn“ ќе имаат Томче и Чима, диџеите на култното „Сабвеј“, а забавата со нив започнува на полноќ.
Петтото издание на „ДримON“ е поддржано преку ад хок грант на програмата „Цивика Мобилитас“ , со кој се финансира селекцијата на жени авторики и „Мрдни со прст“ кои заедно со волонтерски ангажман на заедницата ја помагаат инфраструктурата на зелената зона. НУЦК „Браќа Миладиновци“ е копродуцентски партнер.
Извор: Strugaonline
Facebook Коментари