Лев банер Десен банер

ЦУК и Општина Струга со заеднички мерки пред летната сезона за противпожарна подготвеност

Во пресрет на летната сезона и зголемениот ризик од пожари, Центар за управување со кризи и Општина Струга ја интензивираат меѓусебната координација со цел подобра подготвеност и ефикасно справување со можни кризни ситуации.

Директорот на ЦУК, Мухамед Али, оствари работна средба со градоначалникот на Струга, Менди Ќира, во просториите на Општината. На состанокот беше потенцирана потребата од продлабочување на институционалната соработка и унапредување на заедничките капацитети за управување со ризици.

Фокусот беше ставен на координирано планирање на мерките, зголемување на оперативната подготвеност и подобрување на теренската координација. Соговорниците разгледаа конкретни чекори за поефикасно користење на ресурсите и обезбедување навремен одговор при евентуални пожари и други кризни состојби.

Дополнително, беше нагласена важноста од информирање на туристите за системот за итни повици 112, како и за правилно постапување во ситуации на опасност, со цел зголемување на нивната безбедност и побрза реакција на надлежните служби.

Од двете институции истакнаа дека континуираната комуникација и синхронизираното делување се клучни за заштита на населението, природните ресурси и туристите, особено во период кога ризиците од пожари се значително зголемени.

StrugaOnline

error: