Лев банер Десен банер

Стружанката Ана Стојаноска ќе ја претставува Македонија на Јуниорскиот Евросонг 2026

Македонија го избра својот претставник за Јуниорскиот Евросонг 2026. Како што соопшти Македонската радио-телевизија (МРТ), младата пејачка Ана Стојаноска од Струга ќе ги брани македонските бои на престижниот музички натпревар што ќе се одржи на 24 октомври во Валета, Малта.

Од МРТ информираат дека Ана била избрана по одржана аудиција, на која стручната жири-комисија ги оценувала настапите на кандидатите. Според нив, одлуката била донесена едногласно, а пресудни биле нејзините вокални способности, сценскиот настап и уметничкиот потенцијал.

Песната со која Македонија ќе настапи на Јуниорскиот Евросонг е авторско дело на композиторот и продуцент Никола Мицевски. Неговата композиција била избрана на јавен конкурс за автори, при што жири-комисијата едногласно ја оценила како најдобро решение за претставување на земјата на меѓународната сцена.

Од националниот сервис посочуваат дека Мицевски е едно од најреномираните имиња во македонската музика, препознатлив по својот богат авторски опус, силен мелодиски израз и современ продукциски пристап. Неговото долгогодишно искуство и креативност, велат од МРТ, претставуваат значајна поддршка за македонскиот евровизиски проект.

Текстот на песната го потпишува Илчо Нечовски, музичар и текстописец кој на јавноста ѝ е добро познат како член на популарниот бенд „Дупер“. Неговите текстови се препознатливи по современиот јазик, емотивноста и блискоста со младата публика, што се очекува да придонесе за автентичноста на македонскиот настап.

Од МРТ најавуваат дека повеќе информации за песната, како и детали околу нејзината официјална промоција, ќе бидат објавени во наредниот период.

Извор: МРТ

StrugaOnline

error: