Струшките вечери на поезијата годинава во јуни: Организаторите ги објаснија причините за новиот термин
Јубилејното 65. издание ќе се одржи од 24 до 29 јуни, со подолга програма, повеќе содржини и враќање на професионалниот фестивалски концепт.
Организаторите на Струшките вечери на поезијата (СВП) ги образложија причините поради кои јубилејното 65-то издание на најзначајната поетска манифестација во земјава ќе се одржи од 24 до 29 јуни 2026 година, наместо во традиционалниот термин кон крајот на август.
Од СВП велат дека биле позитивно изненадени од големиот интерес и бројните реакции во јавноста околу промената на датумот, што според нив покажува дека фестивалот и понатаму предизвикува внимание и интерес.
Една од клучните причини за изборот на новиот термин е симболиката поврзана со 24 јуни – датумот кога во 1861 година во Самобор, Хрватска, бил објавен „Зборникот на народни умотворби“ од браќата Миладиновци. Годинава се одбележуваат 165 години од ова значајно дело, кое претставува и историска основа за создавањето на Струшките вечери на поезијата.
Од фестивалот посочуваат дека промената на терминот е и резултат на практични и организациски причини. Според нив, почетокот на туристичката сезона нуди можност за привлекување поширока публика, додека кон крајот на август голем број стружани и посетители се веќе на одмор.
Дополнително, во јуни се пониски трошоците за превоз и сместување, а полесно е и ангажирањето на реномирани поети и гости од странство. Организаторите нагласуваат дека кон крајот на август многу универзитетски професори, поети и културни работници веќе имаат академски обврски, поради што често ги откажуваат поканите за учество.
Во соопштението се наведува и дека најголемите европски поетски фестивали традиционално се одржуваат во јуни, што овозможува полесно присуство на истакнати автори од различни континенти во Европа и намалување на организациските трошоци.
Како дополнителна предност се посочува и користењето на хотелот „Дрим“, кој е изграден токму за потребите на фестивалот и располага со соодветни услови за реализација на програмата. Во јуни, како што велат организаторите, условите за непречено одржување на настаните се значително подобри.
Годинава фестивалот ќе трае еден ден подолго во однос на претходните изданија и ќе се врати концептот на професионален фестивал. Тоа значи дека на учесниците ќе им бидат обезбедени патни трошоци, сместување и симболичен хонорар за авторските права.
Посебен акцент ќе биде ставен и на издавачката дејност, при што во рамки на фестивалот ќе бидат промовирани дури 14 нови книжевни изданија.
Од Струшките вечери на поезијата најавуваат и нова програмска концепција според која фестивалот ќе се одржува во јуни, додека во текот на летото и есента ќе се организираат дополнителни настани, меѓу кои преведувачки работилници и Балкански поетски плоштад.
„Струга е позната како град на поезијата. Редно е да направиме да биде нејзин дом што е можно подолго“, порачуваат организаторите.
Свеченото отворање на 65. Струшки вечери на поезијата е закажано за 24 јуни во 20:30 часот во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга.
StrugaOnline

