Шест нови службени возила за Пошта во Струга и Охрид
АД Пошта на Северна Македонија продолжува со активностите за модернизација на своето работење, а во таа насока во употреба се ставени шест нови службени возила наменети за поштенскиот сообраќај во Охридскиот регион.
По повод пуштањето во функција на возилата, Регионалната единица Охрид ја посети генералниот директор на АД Пошта на Северна Македонија, Орхан Куртиши, кој истакна дека инвестицијата е дел од пошироките заложби за унапредување на поштенските услуги и подобрување на условите за работа на вработените на терен.
„Наш приоритет е граѓаните навремено и квалитетно да ги добиваат поштенските услуги, без разлика дали станува збор за урбани или рурални средини. Новите возила ќе овозможат подобра организација на доставата и поефикасно покривање на целиот регион“, изјави Куртиши.
Шесте возила ќе бидат распределени во рамките на Регионалната единица Охрид и ќе ги опслужуваат поштенските единици во Охрид и Струга.
Од АД Пошта очекуваат новата опрема значително да придонесе за подобрување на мобилноста, оперативната ефикасност и брзината на доставата, со што граѓаните ќе добијат поквалитетна и понавремена услуга.
Со оваа инвестиција, компанијата продолжува да вложува во модернизација на своите капацитети и создавање подобри услови за функционирање на поштенската мрежа низ државата.
StrugaOnline

