Лев банер Десен банер

Шест млади од Македонија дел од Еразмус+ размената „Democracy in Motion“ во Романија

Во периодот од 4 до 10 јуни во романскиот град Крајова се одржа Еразмус+ младинската размена на тема „Democracy in Motion“, на која учество зедоа млади од повеќе европски држави, меѓу кои и шест претставници од Македонија.

„Демократијата треба одново да се раѓа во секоја генерација, а образованието е нејзина бабица.“ Овие зборови на познатиот филозоф Џон Девеј најдобро ја отсликуваат суштината и значењето на младинската размена „Democracy in Motion“, која во текот на јуни ги собра младите во прекрасниот романски град Крајова со заедничка цел – учење, соработка и промовирање на демократските вредности.

Македонија на оваа размена ја претставуваа шест млади ентузијасти – Мила, Илија, Ангела, Дарија, Симона и Даки, како дел од организацијата „Сфера Интернејшенал“ од Битола, која е партнер во реализацијата на проектот. Водени од желбата за нови знаења и вештини, тие активно се вклучија во сите активности насочени кон развивање на граѓанската свест, младинскиот активизам и учеството во демократските процеси.

Во текот на седумдневната програма, учесниците имаа можност да се запознаат со функционирањето на институциите на Европската Унија, како и со различни методи и алатки за активно граѓанско учество. Преку дебати, симулации, работилници и играње улоги, младите практично ги применуваа принципите на демократијата и учеа како нивниот глас може да придонесе за позитивни промени во заедницата.

Особено значајни беа посетите на Градскиот совет на Крајова и на Националниот парламент на Романија. Таму учесниците добија можност одблиску да се запознаат со работата на избраните претставници и директно да поставуваат прашања за теми кои ги засегаат младите луѓе денес.

Мултикултурната димензија на проектот исто така имаше важно место во програмата. Преку интеркултурните вечери, учесниците ги претставуваа своите земји, традиции, култура и национални обележја, создавајќи простор за меѓусебно разбирање, почитување и нови пријателства.

По седум дена исполнети со учење, тимска работа, размена на идеи, практикување демократија и дружење, проектот заврши со силна порака за продолжување на соработката и активизмот. Младите се вратија во своите земји мотивирани да бидат двигатели на позитивни промени и активни граѓани кои ќе придонесуваат кон развојот на демократските вредности во своите заедници.

Проектот уште еднаш потврди дека младинските размени во рамките на програмата Еразмус+ претставуваат важна можност за личен развој, стекнување нови искуства и градење европски вредности кај младите генерации.

StrugaOnline

error: