Утре започнува манифестацијата ,,Вевчанско лето 2026“
Со богата и разновидна програма, Општина Вевчани ова лето ќе го одбележи значајниот јубилеј – 30 години од своето постоење, преку манифестацијата „Вевчанско лето 2026“, која ќе трае од 1 јули до крајот на август.
Програмата опфаќа повеќе од дваесет културни, уметнички, музички, театарски и спортски настани, наменети за посетители од сите генерации. Свеченото отворање е закажано за утре, 1 јули, со Фестивалот на зурлата и тапанот, со кој традиционално ќе започне летната културна сезона во Вевчани.
Во текот на јули ќе бидат организирани промоции на книги, детски ликовни изложби, театарски претстави за возрасни и деца, изложби на фотографии, како и популарното „Кино под ѕвездите“. Љубителите на духовната музика ќе имаат можност да уживаат и во концертот „Ноќ спроти Илинден“.
Август носи низа свечености посветени на јубилејот на Општина Вевчани. На 7 август, во рамките на манифестацијата „Ден на Вевчанскиот непокор“, ќе се одржи свечена академија по повод 30-годишнината, концерт на класична музика, изложба на вевчански уметници и вечерен забавен концерт.
Во програмата се вклучени и спортски турнири, промоција на книга и изложба на фотографии посветени на богатата историја на Вевчани, како и традиционалниот Фестивал на народна култура „Пображење“, концертот „Симфонија на луѓе и машини“, настапот на детскиот хор „Златно славејче“, а завршницата на манифестацијата ќе биде одбележана со музичкиот настан „Баскерфест“.
Со внимателно осмислена програма која ги обединува традицијата, културното наследство, современата уметност и забавата, „Вевчанско лето 2026“ ветува незаборавно лето исполнето со содржини за сите посетители, уште еднаш потврдувајќи го Вевчани како една од најзначајните културно-туристички дестинации во земјата.
StrugaOnline

