Злато за Ана Прентоска на „Војводина опен 2026“ – успешен настап на веслачите од „Црн Дрим“ Струга
Младите натпреварувачи на Веслачкиот клуб „Црн Дрим“ од Струга забележаа успешен настап на престижната Меѓународна веслачка регата „Војводина опен 2026“, која традиционално се одржува на Паличкото Езеро во Србија.
Во силна конкуренција со голем број веслачи од повеќе клубови и држави, струшкиот клуб уште еднаш го потврди својот потенцијал и квалитет, остварувајќи забележителни резултати во повеќе дисциплини.
Најголемиот успех го постигна Ана Прентоска, која триумфираше во дисциплината скиф за кадетки и го освои првото место, закитувајќи се со златен медал.
Добар настап имаа и Леон Шутиновски и Александар Хиохи, кои во дисциплината дубл за кадети го освоија петтото место во квалификациите, а регатата ја завршија на деветтата позиција во генералниот пласман.
Со одлични изданија се истакнаа и Цвете Димоски во дисциплината скиф за јуниори, како и Климентина Стојмиловска во дисциплината скиф за сениорки. Со сигурно и квалитетно веслање, двајцата обезбедија пласман во големите финални трки.
Од Веслачкиот клуб „Црн Дрим“ изразуваат задоволство од постигнатите резултати, истакнувајќи дека настапот на регатата е уште една потврда за посветената работа на младите спортисти и стручниот тим. Успесите на меѓународната сцена претставуваат дополнителен мотив за нови предизвици и уште подобри резултати во продолжение на сезоната.
StrugaOnline

