Општина Струга: Повисоката цена за паркирање важи само во централното градско подрачје, не е насочена кон иселениците
Општината Струга соопшти дека неодамна донесената одлука за регулирање на цените за паркирање се однесува исклучиво на централното градско подрачје, додека во сите останати зони цените остануваат непроменети.
Според појаснувањето, целта на оваа мерка е да се намали сообраќајниот метеж, да се овозможи подобро управување со паркинг-просторот и да се подобри сообраќајната организација во централниот дел на градот.
Од Општината ги отфрлаат тврдењата дека одлуката е донесена со намера финансиски да ги оптовари иселениците, оценувајќи дека ваквите тврдења се неосновани и не ги одразуваат вистинските причини за воведување на мерката.
„Нашите иселеници се важен дел од нашата заедница и секогаш ќе ја имаат нашата почит и благодарност. Голем дел од нив живеат во развиени европски земји, каде што ваквите модели на управување со паркирањето одамна се воспоставена практика за подобрување на сообраќајот и квалитетот на животот во урбаните средини“, се наведува во соопштението.
Воедно, од локалната самоуправа апелираат јавната дебата да се води врз основа на факти, аргументи и меѓусебно почитување, без ширење дезинформации и навреди.
Општината додава дека и во иднина ќе носи одлуки за кои смета дека се во интерес на сите граѓани и во насока на одржливиот развој на градот.
StrugaOnline

