„Лето во Струга 2026“ со богата програма: Културни, спортски и уметнички настани во текот на јули и август
Преку програмата „Лето во Струга 2026“, Општина Струга ги обедини најзначајните настани што ќе се одржат во текот на летната сезона, со цел јавноста навремено да биде информирана и да може да ги проследи планираните активности.
Според објавената програма, летните случувања ќе започнат на 10 јули со фестивалот „Кенге Јехо“, од 14 до 20 јули ќе се одржи „Струга Фест“, љубителите на пливањето ќе имаат можност да присуствуваат на пливачкиот маратон кој ќе се одржи на 19 јули, а 27 јули е предвиден за „Ден на дијаспората“.
На 2 август ќе се одржи традиционалниот Спортски фестивал „Илинден“, во периодот од 5 до 10 август ќе се одржи фестивалот „Езерски бисери“, а од 6 до 9 август љубителите на седмата уметност ќе имаат можност да го проследат Филмскиот фестивал „Drim Short“, кој и оваа година ќе донесе селекција на краткометражни филмови.
Спортските настани продолжуваат од 12 до 15 август со Ракометниот турнир, додека во текот на август е предвидено одржување и на К’ТУ Фест, чиј точен термин ќе биде дополнително објавен.
Од 26 до 30 август ќе се одржи Шаховското првенство, а летната програма ќе биде заокружена со Уметничкиот симпозиум, кој ќе трае од 29 август до 3 септември.
Од Општина Струга истакнуваат дека и годинава остануваат посветени на поддршката на културата, уметноста и спортот, како и на локалните организации, културни друштва и иницијативи кои придонесуваат градот да биде препознатлив по својата традиција и богатиот културен живот.
Со програмата „Лето во Струга 2026“, организаторите ги повикуваат сите граѓани, посетители и иселеници да бидат дел од летните случувања и заедно да придонесат за уште една динамична и содржајна туристичка сезона во Струга.
StrugaOnline

