Лев банер Десен банер

„Дијаграми на отелотворување“ – прва самостојна изложба на Иванчо Талевски во Охрид

Во организација на НУ Завод и Музеј – Охрид, в сабота, на 18 јули, со почеток во 20 часот, во Куќата на Робевци ќе биде отворена самостојната изложба „Дијаграми на отелотворување“ на мултидисциплинарниот уметник Иванчо Талевски. Станува збор за негово прво самостојно претставување пред охридската публика.

Изложбата ги обединува цртежите што авторот ги создава од 2015 година, инспириран од честите патувања на релација Битола – Филаделфија. Преку нив, Талевски го бележи времето и просторот, реагирајќи на различни лични искуства, општествени процеси, настани и локации.

Неговите дела произлегуваат од секојдневните прошетки низ двата града, создавајќи своевиден меѓупростор во кој се преплетуваат различни географии, јазици, сеќавања и идентитети. Во фокусот на изложбата се односите меѓу телото и тлото, индивидуалната и колективната меморија, како и дијалогот помеѓу минатото и можните иднини.

Во рамки на изложбениот проект ќе биде претставено и најновото дело на авторот, „Дремка ми се дреме“, кое претставува спој на јазикот на цртежот и неговото долгогодишно експериментирање со сликарскиот израз.

Иванчо Талевски е мултидисциплинарен ликовен уметник и професор кој живее и работи на релација Битола – Филаделфија, САД. Неговите дела биле изложувани во реномирани музеи, галерии, биеналиња и триеналиња во Њујорк, Филаделфија, Лос Анџелес, Брисел, Сеул, Токио, Краков, Тајван, Кина и Скопје. Добитник е на бројни меѓународни награди, признанија и грантови, меѓу кои и поддршка од фондациите „Полок-Краснер“, „Елизабет Гриншилдс“ и Фондацијата за иновации во уметноста „Сакс“.

Отворањето на изложбата е закажано за 18 јули во 20 часот во Куќата на Робевци, а влезот за посетителите е слободен.

StrugaOnline

error: