Лев банер Десен банер

Општина Струга со поддршка од „Метаморфозис“ и НДИ ќе ја унапредува транспарентноста и отчетноста

Општина Струга започнува процес за унапредување на транспарентноста, отчетноста и доброто управување преку менторска поддршка од Фондацијата „Метаморфозис“ и Националниот демократски институт (НДИ).

Во таа насока, градоначалникот Менди Ќура одржа работна средба со програмската директорка на Фондацијата „Метаморфозис“, Данче Даниловска-Бајдевска, како и со претставниците на НДИ, Дејвид Сип, тим лидер на проектот, и Ана Ангеловска, програмски менаџер.

На средбата беше претставена иницијативата за менторска поддршка на Општина Струга, насочена кон подобрување на транспарентноста, отчетноста и интегритетот во работењето на локалната самоуправа. Во наредниот период, експертски тимови од „Метаморфозис“ ќе соработуваат со општинската администрација за унапредување на резултатите во областа на доброто управување и исполнување на препораките поврзани со институционалниот интегритет.

Градоначалникот Менди Ќура истакна дека Општина Струга останува отворена за партнерство со организации и институции кои придонесуваат за поголема транспарентност, отчетност и спречување на корупцијата.

„Објективната оценка и мислењето однадвор се секогаш добредојдени. Само преку искрен увид во слабостите можеме да ги препознаеме областите што треба да се подобрат и да изградиме администрација која ќе биде поефикасна, поотчетна и целосно во служба на граѓаните“, изјави Ќура.

Од Општина Струга посочуваат дека транспарентноста претставува клучен предуслов за градење доверба кај граѓаните и за создавање силни и одговорни институции, а соработката со „Метаморфозис“ и НДИ е чекор во насока на унапредување на квалитетот на локалното управување.

StrugaOnline

error: