КУД „Дримкол“ од Вевчани по речиси четири децении повторно ќе настапи на престижната Меѓународна смотра на фолклорот во Загреб
Културно-уметничкото друштво „Дримкол“ од Вевчани вечерва заминува за Загреб, каде што ќе биде дел од јубилејното 60. издание на Меѓународната смотра на фолклорот, една од најзначајните фолклорни манифестации во регионот.
За вевчанското друштво ова претставува особено значаен настан, бидејќи станува збор за нивно трето учество на фестивалот, по настапите во 1978 и 1987 година. По речиси четири децении, членовите на КУД „Дримкол“ повторно ќе ја претставуваат македонската традиција, фолклор и културно наследство на сцената во хрватската престолнина.
Од друштвото велат дека ова учество е можност да им се оддаде признание на сите генерации играорци, музичари, кореографи, раководители и членови кои низ годините придонесувале за зачувување и афирмација на богатото вевчанско фолклорно творештво.
Главниот настап на КУД „Дримкол“ е закажан за петок, 17 јули, со почеток во 20:30 часот на плоштадот „Трг бана Јосипа Јелачиќ“ во Загреб.
Покрај учеството на Меѓународната смотра на фолклорот, ансамблот за време на престојот во Хрватска ќе настапи и на Етно фестивалот во Бенковац, во близина на Задар. Настапот е предвиден за сабота, 18 јули, со почеток во 20 часот.
StrugaOnline

