Лев банер Десен банер

„Дрим Маратон 2026“ ја испиша првата страница од новата пливачка традиција во Струга

Во организација на Пливачкиот клуб „Три Дисциплини“ од Струга, во соработка со Пливачката федерација, за првпат успешно се одржа пливачкиот настан „Дрим Маратон 2026“, кој донесе врвни спортски возбудувања и испрати силна порака дека најубавите традиции започнуваат од љубовта кон градот и спортот.

Со одлична организација, голем број учесници и натпреварувачки дух, првото издание на маратонот означи почеток на нова спортска приказна во македонското маратонско пливање. Организаторите изразија надеж дека „Дрим Маратон“ ќе прерасне во традиционален настан кој секоја година ќе привлекува сè повеќе пливачи и љубители на спортот.

Во главната трка на 2,5 километри, во апсолутна машка конкуренција триумфираше Петар Цехов од ПК „Вардар 2018“ со време 32:48.24, пред клупскиот колега Никола Велковски (34:08.32), додека третото место му припадна на Андреј Мишевски (34:30.47).

Кај жените, најбрза беше Ѓеоргина Ставреска од ПК „Вардар 2018“ со време 37:42.86. Второто место го освои Неда Миленковска, исто така од ПК „Вардар 2018“, а третопласирана беше Росана Гошева од ПК „Скопје“.

Покрај апсолутната конкуренција, се натпреваруваа и пливачи во повеќе возрасни категории – од најмладите учесници до рекреативците. Победници по категории беа Киро Докузовски, Матеа Јанкоска, Никола Велковски, Ѓеоргина Ставреска, Петар Цехов, Росана Гошева, Миле Јованоски, како и најуспешните млади пливачи на детската рекреативна трка на 600 метри – Дамјан Иванов и Дарија Магдис.

Настанот уште еднаш покажа дека Струга има потенцијал да биде препознатлива дестинација за маратонско пливање, а ентузијазмот на организаторите, учесниците и публиката е најдобрата гаранција дека „Дрим Маратон“ има иднина.

Првото издание на „Дрим Маратон 2026“ не беше само спортски натпревар, туку почеток на една нова традиција која ги обедини љубовта кон пливањето, реката Дрим и градот Струга.

StrugaOnline

error: