Лев банер Десен банер

Утре светскиот стенд-ап комичар Амос Гил го отвора „Summer Comedy Marathon 2026“ во Охрид

Еден од најпознатите австралиски стенд-ап комичари, Амос Гил (Amos Gill), ќе настапи во Охрид со своето наградувано шоу „The Pale, Stale, Straight White Male“, со кое официјално ќе биде отворено осмото издание на Интернационалниот фестивал на комедијата „Summer Comedy Marathon 2026“.

Настапот е закажан за утре, 21 јули во Националната установа Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид, а организаторите најавуваат вечер исполнета со бескомпромисен хумор, сарказам и актуелни општествени теми.

Гил во Охрид доаѓа веднаш по успешната европска турнеја на која настапуваше како специјален гостин и поддршка на светски познатиот комичар Џим Џефрис (Jim Jefferies).

Повеќекратно наградуваниот австралиски комичар е препознатлив по својот остар и интелигентен хумор, со кој без задршка ги анализира современите општествени појави, нелогичностите и апсурдите на секојдневието. Неговите настапи се познати по директниот пристап, брзите досетки и способноста да ја предизвика публиката да се смее, но и да размислува.

Амос Гил денес е еден од најбараните стенд-ап комичари во Австралија, САД и Велика Британија. Кариерата ја започнал како радио водител, по што брзо се етаблирал на светската комичарска сцена. Настапувал на престижни локации како Sydney Opera House и Madison Square Garden, бил дел од меѓународните турнеи на Џим Џефрис, а денес е и ко-водител на популарниот подкаст „At This Moment“.

Критичарите за неговото шоу велат дека „не се плаши да навреди, иако тоа не му е целта“, оценувајќи го како комичар кој со стоичка смиреност и извонреден талент успева да создаде уникатно стенд-ап искуство.

Организаторите очекуваат силен почеток на годинашното издание на „Summer Comedy Marathon“, кое и ова лето ќе донесе врвни домашни и меѓународни имиња од светот на комедијата, претворајќи го Охрид во центар на смеата и добрата забава.

StrugaOnline

error: