Општина Струга доби благодарница за придонесот кон „Струшки книжевни средби“
Поддршката за книжевноста и културните иницијативи во Струга беше во фокусот на средбата меѓу градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, и Златко Мариноски, претседател на Здружението за литература и култура „Бран 2010“.
Здружението годинава го организираше 12. издание на „Струшки книжевни средби 2026“, манифестација посветена на литературата и пишаниот збор, која со своето долгогодишно присуство придонесува за збогатување на културниот живот во градот.
На средбата, Мариноски изрази благодарност до Општина Струга за поддршката што ја обезбедува за манифестацијата, како и за поддршката на развојот на културата и книжевноста.
Како знак на благодарност, на Општина Струга ѝ беше доделена благодарница за поддршката и посебниот придонес во областа на литературата, книжевноста и културата.
Од Општина Струга посочуваат дека градот има богата книжевна традиција, а поддршката за културните иницијативи ќе продолжи и во иднина.
„Општината ќе продолжи да ги поддржува иницијативите кои го негуваат пишаниот збор, создаваат простор за авторите и го зацврстуваат културниот идентитет на градот“, се наведува во информацијата од Општина Струга.
StrugaOnline

