Струга сака да ги врати холандските туристи и да го унапреди Дневниот центар за деца со посебни потреби
За време на престојот во Холандија, градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, придружуван од основачот на Фондацијата CDFK Струга, Ергин Борова, оствари средба во Амбасадата на Република Македонија во Хаг со амбасадорката Линда Салиевска.
На средбата, како што информираат од Општина Струга, биле разгледани можностите за зајакнување на соработката и промоција на Струга во Холандија, со посебен акцент на развојот на туризмот и унапредувањето на социјалната инклузија.
Една од главните теми била повторното позиционирање на Струга како атрактивна туристичка дестинација за холандските туристи. Во тој контекст, биле разгледани можности за поголема промоција на туристичките потенцијали на Струга и регионот на Охридското Езеро, како и за воспоставување поодржливи врски со холандски тур-оператори и туристички партнери.
На средбата се разговарало и за поддршката за децата со посебни потреби, преку размена на искуства и добри практики од Холандија. Посебен фокус бил ставен на можностите холандските програми и политики да придонесат во развојот и унапредувањето на работата на Дневниот центар за деца со посебни потреби во Струга.
Од средбата било оценето дека постои простор за воспоставување нови партнерства и форми на соработка меѓу Струга и партнери од Холандија.
Целта, како што е наведено, е преку идните активности да се придонесе кон развој на туризмот, унапредување на социјалната инклузија и подобрување на услугите за граѓаните на Струга.
StrugaOnline

