Лев банер Десен банер

Дмитро Хориха и официјално дел од македонската ракометна репрезентација

Македонската машка ракометна репрезентација добива значајно засилување во пресрет на квалификациите за Европското првенство во 2028 година. Дмитро Хориха и официјално ќе го носи дресот на Македонија, откако доби дозвола од Светската ракометна федерација (ИХФ) за настап во националниот тим.

Во просториите на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), денеска, 15 октомври 2026 година, се одржа прес-конференција на која присуствуваа претседателот на РФМ, Александар Стефанов, и селекторот на машката сениорска репрезентација, Кирил Лазаров. Главна тема беа претстојните квалификациски натпревари за континенталниот шампионат, но и официјалното претставување на новиот репрезентативец.

Хориха, кој моментално настапува за унгарскиот гигант ПИК Сегед, ѝ е добро познат на македонската ракометна јавност, а неговото приклучување се очекува да донесе дополнителен квалитет и поголема конкуренција во националниот тим.

Претседателот на РФМ, Александар Стефанов, изрази задоволство од добивањето на новото засилување, посочувајќи дека станува збор за ракометар кој се наоѓа во најдобрите години од својата кариера.

„Мислам дека добиваме еден ракометар што ќе даде тежина и голем придонес. Тој е во зенитот на својата кариера и се надеваме дека со него ќе добиеме на квалитет и дека ќе придонесе за подобри резултати во иднина“, истакна Стефанов.

Првиот човек на македонскиот ракомет се осврна и на очекувањата пред квалификациските дуели против Луксембург и Грција, нагласувајќи дека репрезентацијата влегува со големи амбиции и јасна цел – обезбедување пласман на Европското првенство во 2028 година.

Селекторот Кирил Лазаров, пак, ги посочи квалитетите поради кои Хориха може да биде важен дел од репрезентативниот состав. Според него, станува збор за ракометар кој може да придонесе во двата правци на играта и кој поседува изразен натпреварувачки дух.

„Се работи за играч кој има шут од надвор, кој е играч во два правци, кој има победнички карактер и во последните години покажал дека секогаш прави сè за неговиот тим да победи“, изјави Лазаров.

Селекторот најави дека списокот на ракометари за претстојните репрезентативни обврски ќе биде објавен на почетокот на следната седмица. Притоа, тој нагласи дека конкуренцијата за секое место во тимот е голема и дека националниот состав максимално сериозно ќе пристапи кон квалификациските предизвици.

Со официјалното приклучување на Дмитро Хориха, Македонија добива дополнителна опција во составот пред важните натпревари што следуваат. Амбициите се јасни – квалитетна игра, позитивни резултати и нов настап на големото европско ракометно натпреварување во 2028 година.

StrugaOnline

error: