Лев банер Десен банер

Општина Струга и Општата болница Струга со заедничка иницијатива за рано откривање на ракот на дојка

По повод Октомври – месецот за подигање на свеста за ракот на дојка, Општина Струга презема иницијатива за поттикнување на превентивните прегледи и поголема грижа за здравјето на жените.

Градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, потпиша договор за соработка со директорот на Општата болница во Струга, Владимир Бунчески, со цел да се зголеми свеста за важноста на редовните прегледи и раното откривање на ракот на дојка.

Со оваа иницијатива, вработените жени во општинската администрација ќе бидат охрабрени да направат превентивен преглед, при што ќе имаат можност да одвојат време во текот на работниот ден за сопственото здравје.

Градоначалникот Ќура упати повик до сите јавни институции и приватни компании да ја следат оваа практика и да создадат услови што ќе ги мотивираат вработените жени редовно да се грижат за своето здравје.

Целта е октомври да прерасне во традиционален месец за превентивни прегледи на дојките, со што секоја жена ќе биде охрабрена да одвои време за своето здравје и навремено да преземе мерки за превенција.

Раното откривање на ракот на дојка е од особено значење, бидејќи овозможува навремена дијагноза и поголеми можности за успешно лекување.

„Раното откривање спасува животи, а грижата за здравјето е наша заедничка одговорност“ – е пораката што ја испраќа оваа иницијатива, со повик за поголема општествена ангажираност и поддршка на превенцијата.

StrugaOnline

error: