Лев банер Десен банер

Последниот самарџија во Струшко: Фатмир Авмедоски за 40 години изработил над 800 самари, денес едвај десетина годишно

Во време кога старите занаети полека исчезнуваат, а селата остануваат сè попразни, 64-годишниот Фатмир Авмедоски од струшкото село Подгорци и понатаму со тесличката во рака го чува самарџискиот занает. Тој е еден од последните мајстори во регионот, а според неговото сведоштво, денес е и последниот активен самарџија и налбат во Струшко.

За време на својот 40-годишен работен стаж, Авмедоски изработил над 800 самари. Во времето кога занаетот бил баран, годишно правел и по 40, додека денес едвај успева да изработи десетина самари за цела година.

„Ако не заврне, ќе кашне! Во оваа сиромаштија добро е и ова што го имам“, вели мајсторот, кој освен изработката и поправката на самари, се занимава и со потковување на домашните товарни животни – коњи, магариња и мазги. Порано, раскажува, ги потковувале и воловите кои служеле за влечење запреги.

Од некогашната педесетина самарџии во Струшко, денес овој занает го практикува само Фатмир. Неговата работилница во Подгорци, сместено во подножјето на Јабланица, останува едно од ретките места каде што сè уште се создаваат самари на традиционален начин.

„Од мајстор станав крпач, зашто повеќе поправам стари самари отколку што правам нови. Со изумирањето на селата, добиток има сè помалку, па и самарите се помалку барани. Порано муштериите чекаа на ред, а се случуваше три дена да работам од утро до мрак за да направам самар. Денес кројам повеќе од ќеф отколку за пари“, раскажува Авмедоски.

Самарџискиот занает не бил семејна традиција во неговото семејство. Фатмир почнал да се занимава со него од потреба, за да обезбеди егзистенција и да го прехрани семејството. Уште како дете, додека ја пасел стоката по планините, знаел да отсече подебела гранка и да ја обликува. По женидбата, решил токму од обработката на дрвото и изработката на самари да ја обезбедува семејната егзистенција.

Иако времињата се промениле, во Подгорци и во околните села сè уште има по некој коњ и магаре. Муштерии кај него доаѓаат и од подалечни места, меѓу кои и од охридските села, како Љубаништа, каде што коњите и магарињата сè уште се користат за транспорт на дрва, но и за движење низ планините при собирање шумски плодови.

Современата технологија речиси и да не навлегла во неговата работилница. Самарите и денес ги изработува со традиционални алати – теслички, стругалки и игли за шиење и поправка. Секое парче дрво бара трпение, вештина и искуство, а секој самар е резултат на долгогодишно усовршување на занаетот.

„Занаетот не е лесен. Цел ден сум затворен во работилницата, но со милина си ја работам работата. Дури и денар да не заработувам, не би се откажал од неа. Кога немам нарачки, изработувам по еден самар за резерва, колку да ја почешам крастата“, вели низ насмевка мајсторот Фатмир.

Додека некогаш неговата работилница била исполнета со нарачки и муштерии, денес во неа повеќе одекнува звукот на тесличката отколку гласовите на купувачите. Но, Фатмир не се откажува. Со секој нов самар и секоја поправка на стар, тој не изработува само предмет потребен за животот на планината, туку чува дел од традицијата и занаетчиското наследство на Струшко.

И можеби токму затоа, неговата работилница не е само место каде што се прават самари, туку и едно од последните живи сведоштва за времето кога старите занаети биле дел од секојдневниот живот на селата.

Текст и фото: Стојан Кукунешоски

StrugaOnline

error: