
На 03.12.2024 во 09.25 часот во СВР Охрид е пријавено дека настанал пожар во патничко возило „мерцедес” со охридски регистарски ознаки, сопственост на А.Т.(59) од охридското село Пештани, кое било паркирано пред плажа на брегот на Охридското езеро. Повредени лица нема, а увид на местото, по наредба на јавен обвинител, извршија полициски екипи.
На 03.12.2024 во 12 часот, З.Д.(55) од Кичево во полициска станица пријавил дека во кичевското село Осломеј бил каснат од куче скитник.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против И.Д.(48) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори”. При претрес во неговиот дом, извршен на 26.11.2024 по судска наредба, полициските службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога при СВР Охрид, пронајдоа и одзедоа кокаин и пари. На него му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.
ОВР Дебар поднесе кривична пријава против А.Ц.(19) од Дебар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори”. При преглед во возило „пежо”, во кое се превезувал, полициските службеници кај него пронајдоа и одзедоа марихуана.
Facebook Коментари