Билтен за Струга: Агресивно однесување, кривична пријава за бесправно градење…
На 14.10.2025 во 18:50 часот на улица „Јово Стефаноски Риле” во Струга, полициски службеници од ОВР Струга го приведоа Д.М.(39) од Струга, постапувајќи по претходна пријава дека во зграда во Струга го нарушил јавниот ред и мир со агресивно и непристојно однесување. По преземени мерки и извршено алкотестирање, полициските службеници кај него констатирале 3,44 промили алкохол во крвта. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
ОВР Струга поднесе кривична пријава против С.Н.(50) од струшкото село Велешта поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење” по член 244 од Кривичниот законик. Тој, на катарстарска парцела во селото во близина на постоечки надземни средно напонски водови, нелегално и спротивно на предвидени безбедносни норми, изградил куќа. Со тоа, пријавениот го нарушил безбедносното растојание, ја загрозил сигурноста во снабдувањето со електрична енергија и предизвикал безбедносна опасност по луѓето. Од извршениот инспекциски надзор донесено е решение за прекинување на градењето, информираат од СВР Охрид.

