Кривична пријава против две лица од Корошишта за оштетување на заштитениот локалитет „Врбник“
ОВР Струга поднесе кривична пријава против А.А. (25) и Б.Д. (28), двајцата од струшкото село Корошишта, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“, казниво по член 264 од Кривичниот законик.
Според пријавата, во текот на минатата година, осомничените биле затекнати на археолошкиот локалитет „Врбник“ во Струга, каде вршеле сеча, односно отстранување на природната трска. Локалитетот претставува евидентирано недвижно добро во рамки на Охридското Езеро и е под посебен режим на заштита.
Археолошкиот локалитет „Врбник“ во 2022 година е прогласен за заштитено подрачје во категорија III – Споменик на природата, поради што секоја интервенција без соодветна дозвола претставува кривично дело.
Стефан Димоски од СВР Охрид информира дека продолжуваат со активности за заштита на културното и природното наследство и најавуваат засилени контроли на заштитените подрачја во струшкиот регион.
Извор: СВР Охрид, фото: архива
StrugaOnline

