Во несреќен случај загина 28-годишниот снимател од Охрид Кристијан Љушев
Познатиот охридски фотограф и креативен уметник Кристијан Љушев е лицето кое вчера го загуби животот по пад од зграда во Охрид, пренесува порталот ohridpress.com.mk.
Од СВР Охрид информираат дека на 12 јануари 2026 година, во 15:00 часот во СВР Охрид е пријавено дека при извршување работни задачи во објект во изградба, 28-годишниот Кристијан Љушев од Охрид паднал и се здобил со тешки телесни повреди.
– Со возило на Итна медицинска помош е пренесен во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ Охрид, каде подоцна починал. Лекар констатирал смрт, а увид извршиле јавен обвинител и увидна екипа на СВР Охрид, информираат од Секторот.
Кристијан Љушев беше познат по својата работа во продукцијата „Шпанец“ и уживал углед меѓу колегите како вреден и талентиран професионалец. Тој учествувал во бројни проекти, документарни емисии, видеоспотови и други медиумски содржини.

