Искрено и одблиску со Владимир Четкар – Слушајте квалитетна музика, тоа создава убави сензори во душата

Владимир Василевски Четкар е музички гениј кој го слави животот во вистинска смисла на зборот. За музиката, за љубовта, за сите региони во светот кои ги освоил, но и за суштината на човековото живеење зборувавме искрено и отворено.

Strugaonline: Да започнеме со последните случувања на музички план. После шест – месечна турнеја во Азија се вративте дома. Знаеме дека во Азија владее посебна култура, како бевте прифатен таму?

Владимир Четкар: Aзија беше еден од најголемите предизвици. Таму живеат над 5 милијарди луѓе. Никогаш не очекував дека тој регион ќе има толку сенc и апетит за џез. Почнувајќи од Кина која до сега беше најголема мистерија, потоа Хонг Конг, и Јапонанија, Кореја – иако се на исток, тие сепак се дел од западната цивилизација. Таму поминува добро се што доаѓа од Европа и од Америка. Конкретно, во Азија има прекрасна култура, таа спаѓа во една од ретките земји каде ЦД-а уште се печатат физички, иако технолошки се понапред од било кој регион во светот. Сакаат ЦД да држат во рака.Сакаат контакт со музичарот. Околу 25 000 примероци од мојот носач на звук се продаваат во тој регион, мојата авторска музика ја промовираа со билборди, во станиците за слушање музика. Беше како сон. Тоа што мене ми се случи во Азија, почитта кон мојата музика, реакциите на публиката, соработката со сериозни музички куќи, сето тоа му го посакувам на секој музичар кој живее за уметноста и музиката.

Strugaonline:  Како успеавте да останете толку скромен? Големите sвезди најчесто се недостапни. Вие сте толку непосреден, искрени и пријатен. Како ја задржавте во себе таа вредност?

Владимир Четкар: Се започнува од воспитувањето, но и тоа не мора да значи. Човек може да се промени од било која причина, не мора да е само од популарност, настапи и големи сцени. Тоа е најголемиот испит и тест. Ако сака човек да биде среќен, ќе се разбуди наутро и ќе ужива во кафето со семејството и пријателите без разлика колку постигнал. Искреноста, без бариери е најголем успеx и најголема вредност.

Strugaonline: Во неколку интервјуа сум забележала како зборувате за љубовта, и за вљубеноста во животот. Велите дека ги сакате птиците, растенијата…. Како се стигнува до таа безусловна љубов?  Тоа  е всушност она што сите ние треба да го постигнеме – да сакаме без да бараме возврат.

Владимир Четкар: За ова што го кажавте има многу примери, лесно е да се објасни. Уште од мало детето се гледа каква личност е, од нас зависи дали сакаме да го славиме животот. Ако покрај патот видиме желка секако ќе трчаме да ја спасиме ако наиде автомобил. Кога се будам наутро и кога го гледам сонцето чувствувам колку е убав животот. Го сакам и го славам овој живот во сите форми. Душите во нас се многу големи, бесконечни, тоа е енергија. Луѓето не ја сфаќаат бесконечноста, но не го сфаќаат ниту крајот. На луѓето кои ги сакаме треба да им кажеме дека ни значат додека се живи, а не да кажуваме дека ни значеле откако ќе заминат од овој свет. Љубовта е главниот извор на животот без разлика дали  е  тоа е љубов кон пријатели, кон семејство, кон партнер, кон музика. Јас ја славам бесконечноста, не случајно мојот прв албум се вика „We will never end”.

Strugaonline: Тажен ли сте  понекогаш кога ќе се најдете на другата страна на планетата далеку од семејството, како се справуваш со далечините кои Ви  ги создадоа околностите?

Владимир Четкар: Мене и овде ми беше убав животот, морав да заминам само затоа што крајот на 90-те немаше ниту тука, ниту во регионот академија која сериозно третира џез музика. Имав голема потреба да ги научам тајните на аранжманот. На почетокот на студиите во 1996 година во Бостон многу бев осамен и многу бев носталгичен за Македонија. Ми недостигаа моите дома, и езерото ми недостигаше. Желба ми беше да направам баланс, да можам да бидам често во Македонија, но и да функционирам како што треба во Америка. Тоа и успеав да го постигнам. Изминатава година дојдов шест или седум пати дома, што е многу.

Strugaonline: За нас слушателите  музиката е музика. Убава е, но сигурно не ја разбираме колку што ја разбирате вие.Еве да земеме пример Вие и гитарата се сакате како што се сакаат мајка и дете.

Владимир Четкар: За мене гитарата е продолжеток на душата. Музиката е јазик, многу комплексен јазик има многу нивоа со кои изразувам се што не можам да изразам со зборови. Сите мои карактери се опишани преку мојата музика, со многу љубов е сето тоа работено. Лимитирачки е да зборувам само за гитарата. Музиката е посебен свет. Затоа е многу важно што создаваме и каков пример им оставаме на младите генерации. Музиката што ја создавам е потпис на мојата душа. Луѓето кои творат само за да станат популарни не се уметници.

Strugaonline: Со оглед на тоа дека буквално го освоивте светот, сигурен ли сте дека имате искрени пријатели? Како знаете дека некому не сте трофеј? За жал ние имаме таков менталитет.

Владимир Четкар: Луѓе со таков менталитет има секаде. Но, јас имам пријатели уште од детството. Иако немам многу време да се дружам како порано, но затоа многу ги ценам дружбите кога имам време. Но, не е точно дека пријатели не се стекнуваат и на поголема возраст. Јас имам и нови пријателства за кои сум сигурен дека се искрени. Хемија е, тоа се чувствува, а тоа другото што го споменавте, да и тоа се чувствува. Кога си во друштво со некој одма знаеш каква енергија има и каква цел. Мене ми е важно што моите намери се секогаш искрени. Понекогаш една насмевка е доволна за да се шири таа позитивна енергија. Никој не треба да смета дека е повреден од другите, но треба да си се цениме себе си. Сите ние сами одбираме како се насочуваме, но за жал епидемија на 21 век е лакомоста. Луѓето мора да научат каде и кога да сопрат. Треба духот да го лечиме со убави работи. Одговорно тврдам дека ако луѓето слушаат квалитетна музика, ако читаат квалитетна литература и ако гледаат квалитетни филмови ќе добијат поубави сензори во душата.

Strugaonline: Кога ќе се изгаснат рефлекторите од светските сцени што ве прави среќен?

Владимир Четкар: Сакам да возам велосипед, често го правам тоа и среќен сум што забележувам дека многу млади луѓе ја имаат оваа здрава навика. Исто така ја сакам историјата, Музеи, знаментости. Сакам да посетувам историски локалитети.

Strugaonline: После овој престој во Македонија, каде е Вашата  следна дестинација, кои Ви се идните планови?

Владимир Четкар: Моментално сум фокусиран на новиот студиски албум, многу ми беше тешко да го работам паралелно со турнеата. На 6-ти мај настапувам во Менхетн, во јуни имам веќе два закажани настапи во Тајланд потоа настапувам на џез фестивал во Банког, после тоа се враќам во Македонија. Ќе бидам тука да промовирам дел од моите нови материјали, да уживам во летото, да возам велосипед и да се дружам со пријателите.

Извор: StrugaOnline

Ирена Мрческа

Facebook Коментари