Лев банер Десен банер

„Борба без победник“ – нова самостојна изложба на Славица Танеска денеска во Охрид

Во изложбениот простор на НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид, денеска, 13 јуни 2026 година, со почеток во 20 часот, ќе биде отворена самостојната изложба „Борба без победник – отворено дело на преобразби и раскол“ од м-р Славица Танеска.

Станува збор за 13-та самостојна изложба на авторката, која преку своите дела ја обработува темата на вечните борби на човештвото. Симболиката е претставена преку мотивот на борбите на петли, кои во изложбата се користат како метафора за конфликтите, поделбите и судирите што го следат човечкото постоење низ историјата.

Изложбата нуди концепт кој останува отворен за нови толкувања, размислувања и различни перспективи на гледање. Преку преобразби во стилот и ликовниот израз, авторката ги следи и рефлектира промените што ги носат војните и конфликтите во современиот свет, создавајќи дело кое постојано се развива и добива нови значења.

Ова е трето претставување на Славица Танеска во галерискиот простор на Центарот за култура „Григор Прличев“. Нејзината прва изложба во оваа установа, реализирана пред повеќе од 15 години, предизвика значителен интерес кај јавноста и беше посетена од над 200 љубители на уметноста.

Изложбата свечено ќе ја отвори познатиот ликовен уметник Славко Упевче, а организаторите ги покануваат сите љубители на современата уметност да присуствуваат и да бидат дел од овој значаен културен настан.

Отворањето е закажано за денеска, 13 јуни 2026 година во 20 часот во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид.

StrugaOnline

error: