До крајот на годинава ќе започне изградбата на новиот театар во Охрид

- Останати
851

До крајот на годинава ќе започне првата фаза од изградбата на новиот театар во Охрид, изјави директорот на Народниот театар, Горан Стојаноски.

centar_za_kultura

Новиот објект ќе се гради на сега постоечкиот простор Летна бавча, во втората фаза влегува целосното опремување на новиот објект, додека во третата фаза е ентериерното уредување на центарот за култура.

– Во моментов тече техничкиот дијалог врз основа на проектната програма. Во склоп на тоа треба да се аплицира за главниот проект. Очекуваме и тендерот да се пушти за некое брзо време. Претпоставувам дека за некои шест до седум месеци се потребни да се изготви главниот проект. Мојата искрена желба е да почне да се работи годинава, а најдоцна до почетокот на следната година, додава Стојаноски.

Постојаниот објект во кој функционира центарот за култура е изграден во 1952 година. Нов објект и нова зграда подразбира и нова традиција и ново достоинство за театарот во Охрид, смета Стојаноски.

– Новата зградата би имала некаде околу четири ката, со сите потребни и најсовремени механизми за сценско-техничко уредување, односно ќе се гради по некое врвно светско ниво. Новиот објект ќе значи и нова традиција, ново достоинство, придонес кон квалитетот на самиот театарски ансамбл, а секако и за вистинско театарско доживување за самата публика. Исто така постои голем интерес за работата на Детското драмско студио, рече Стојаноски.

Минатата година Народниот театар од Охрид постави седум премиери и изведе 168 претстави, бројка која споредена со театрите, кои функционираат засебно од центрите за култура, е солидна, дополнуваат од центарот за култура.

извор: ОхридПрес

 

Facebook Коментари