Четири бронзени медали за ТК „Сонкал“ од Мислешево на меѓународниот турнир „Ohrid Open 2026“
Таеквон-До клуб Сонкал од Мислешево забележа успешен настап на меѓународниот турнир „Ohrid Open 2026“, кој се одржа на 20 јуни во спортската сала „Билјанини Извори“ во Охрид, во организација на Македонската Традиционална Таеквон-До Федерација.
На турнирот настапија 317 натпреварувачи од девет европски држави – Македонија, Молдавија, Грција, Бугарија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Италија и Хрватска, што уште еднаш го потврди високото ниво и меѓународниот углед на „Ohrid Open“.
И покрај силната конкуренција, Таеквон-До клуб Сонкал настапи со четворица натпреварувачи, а сите успеаја да се искачат на победничкиот пиедестал, освојувајќи четири бронзени медали. Овој резултат претставува значаен успех за клубот и потврда дека младите таеквондисти од Мислешево можат рамноправно да се носат со натпреварувачи од европскиот и светскиот ИТФ таеквон-до врв.
Од клубот истакнуваат дека освоените медали се резултат на континуирана работа, дисциплина и посветеност на натпреварувачите и тренерскиот тим, а настапот на „Ohrid Open 2026“ претставува дополнителен мотив за уште подобри резултати во периодот што следува.
Турнирот донесе бројни возбудливи борби и атрактивни настапи, а македонските клубови во целина остварија одличен успех, освојувајќи 42 медали – 5 златни, 11 сребрени и 26 бронзени. Со своите четири бронзени одличја, Сонкал даде значаен придонес во вкупниот успех на македонските претставници.
„Ohrid Open“ од година во година го зацврстува својот статус како еден од најреномираните меѓународни ИТФ таеквон-до турнири во регионот, а настапот на Сонкал е уште една потврда дека клубот успешно гради генерации млади спортисти подготвени за настап на највисоко ниво.
StrugaOnline

