Лев банер Десен банер

Денеска свечено отворање на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина

Милано и Кортина д’Ампецо денеска испишуваат историја како први заеднички домаќини на Зимските олимписки игри 2026, настан што ќе обедини спортисти, навивачи и заедници од целиот свет во духот на спортот и заедништвото. На Игрите ќе учествуваат спортисти од над 90 нации, кои ќе се натпреваруваат во 16 зимски спортови, носејќи возбудувања и врвни спортски достигнувања.

Кортина д’Ампецо по 70 години повторно се враќа на олимписката сцена, подготвена да понуди незаборавно искуство и да ја потврди својата улога како еден од најпрепознатливите зимски спортски центри во светот.

Свеченото отворање на Олимписките игри Милано-Кортина 2026 ќе се одржи денеска во 20:00 часот и се очекува да биде вистински спектакл. Програмата вклучува настапи на светски музички ѕвезди, меѓу кои Мараја Кери, Лаура Паузини и Андреа Бочели, со цел олимпискиот дух да се пренесе надвор од стадионот и да се вклучат пошироката јавност, спортистите и локалните заедници во заедничка прослава.

Иако Свеченото отворање традиционално го означува официјалниот почеток на Игрите, дел од прелиминарните натпревари може да се одржат и претходно. Покрај централниот настан во Милано, организирани се и бројни активности во други олимписки региони. Паради и церемонии ќе се одржат во Предацо, Ливињо и Кортина д’Ампецо, овозможувајќи им на спортистите да бидат поблиску до своите натпреварувачки локации, а на навивачите и граѓаните – активно да учествуваат во олимписката атмосфера.

Македонските претставници на зимските олимписки игри во Милано и Кортина д’Ампецо (6–22 февруари 2026) се четворица скијачи кои на прес-конференција во Скопје беа претставени како олимписки тим на Македонија, со настапи во нордиските и алпските дисциплини.

Во нордиско трчање Македонија ќе ја претставуваат Ана Цветановска и Ставре Јада, и двајцата во дисциплините спринт и интервал старт на 10 километри. Во алпско скијање ќе настапат Јана Атанасовска и Виктор Петков, во дисциплините слалом и велеслалом.

Настапите на македонските нордијци се најавени за 10, 12 и 13 февруари, а алпските дисциплини за 14, 15 и 18 февруари, во рамки на програмата на Зимските олимписки игри Милано–Кортина 2026.

Зимските олимписки игри Милано-Кортина 2026 најавуваат ново поглавје во олимписката историја, каде спортот, културата и заедништвото се спојуваат во една глобална прослава.

StrugaOnline

error: