Пораз за сениорките на Струга 2009 во дербито со Гевгелија, убедлива победа на јуниорките
Сениорската екипа на ЖКК Струга 2009 доживеа пораз на домашен терен во дербито на Втората лига – жени, загубувајќи од екипата на Гевгелија со 64:77 (20:17, 16:21, 12:13, 16:26). Натпреварот имаше директно значење за освојување на првото место на табелата.
Стружанките одиграа рамноправно во најголемиот дел од средбата и беа егал противник во повеќе од три и пол четвртини, но во финишот од натпреварот искуството на гостинската екипа дојде до израз и го одлучи победникот.
Најефикасна во редовите на Струга 2009 беше Муртезаи со 25 поени, додека Зиба додаде 12, Даути 9, Незири и Хиса по 6, Миладиновска 4 и Таранеши 2 поени. Кај гостинската екипа се истакна Стојовска со дури 32 поени.
По натпреварот, тренерот на Струга 2009, Владимир Ѓоровиќ, спортски им ја честиташе победата на противничката екипа, но и изрази голема гордост за своите кошаркарки:
„Најпрво сакам да ѝ честитам на екипата на Гевгелија за заслужената победа и освоеното прво место, кое им носи предност на домашен терен и во полуфиналето и во евентуалното финале. Големи честитки и до моите млади кошаркарки – уште еднаш морам да нагласам дека ние сме убедливо најмладата екипа во лигата, со просек од само 16 години. Одигравме одличен натпревар, отворивме добро и го дадовме максимумот, но немавме сила да го прекршиме натпреварот во наша полза. Во вториот дел од последната четвртина, искуството на Гевгелија не ни дозволи да се вратиме и да стигнеме до победа.“
Тренерот додаде дека фокусот сега е насочен кон продолжението на сезоната:
„Нè очекуваат уште три кола до крајот на регуларниот дел. Ќе се фокусираме да го задржиме второто место, што би ни донело предност на домашен терен во полуфиналната серија, најверојатно против екипата на Гостивар.“
За разлика од сениорскиот тим, јуниорките на Струга 2009 остварија убедлива победа против истиот противник. Младите стружанки славеа со 75:29 (16:06, 21:08, 19:13, 19:02), доминирајќи во сите сегменти од играта.
Најефикасни кај јуниорките беа Кавај и Коцареска со по 12 поени, Мијевска и Дукоска постигнаа по 11, Даути 8, Танаскоска 6, Коруновска 5, а Таранеши и Муртезаи по 4 поени.
StrugaOnline

