РШ „ДИНГ“ Струга со два сребрени медали и два најдобри стрелци на турнирот „МИKA 2026“
Ракометната школа ДИНГ Струга имаше блескав настап на меѓународниот младински турнир „МИКА 2026“, кој се одржа во Прњавор, Босна и Херцеговина. Стружани се враќаат дома со два сребрени медали и две индивидуални награди за најдобри стрелци, потврдувајќи го квалитетот на школата.
Турнирот „МИКА 2026“ важи за еден од најсилните младински ракометни настани во регионот, со учество на повеќе од 25 екипи од Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска, Словенија, Унгарија и Австрија.
Во конкуренција на играчи родени 2012/2013 година, ДИНГ Струга стигна до големото финале каде се соочи со екипата на „Борац“ Бања Лука. По борбената и тешка игра, младите надежни струшки ракометари беа поразени со 10-24, освојувајќи сребрен медал.
Дополнителна радост донесе индивидуалното признание за Тино Бебекоски, кој беше прогласен за најдобар стрелец во својата генерација.
Во генерацијата 2008/2009, каде ДИНГ настапи со значително помлада екипа – играчи родени 2010 година – стружани повторно покажаа карактер и квалитет, изборувајќи пласман во финалето. Таму се соочија со екипата на Слога Прњавор, од која беа поразени со 22-26, и каде се закитија со сребрен медал.
Горазд Ојлески беше прогласен за најдобар стрелец на турнирот во генерацијата 2008/2009 и заслужено доби индивидуална награда, крунисувајќи го одличниот настап на својата екипа.
Со две финалиња, два сребрени медали и две награди за најдобри стрелци, ДИНГ Струга уште еднаш потврди дека е сериозна школа за развој на млади ракометни таленти и дека струшкиот ракомет има светла перспектива на меѓународната сцена.
StrugaOnline

