Сениорките на ЖКК Струга 2009 со победа ја започнаа сезоната во Втората лига
Екипата на ЖКК Струга 2009 успешно ја започна сениорската лига, откако во рамките на првото коло на гостински терен го совлада ЖКК Спорт Тим со 54:45. Иако домаќинките имаа минимална предност по првата четвртина (15:14), стружанките успеаја да го преземат ритамот на натпреварот и да стигнат до значајна победа.
Најефикасна во редовите на Струга 2009 беше Зиба со 19 поени, додека Даути и Кавај постигнаа по 11. Таранeши го заврши натпреварот со седум поени, а Незири, Танаскоска и Дукоска придонесоа со по два поени. Кај домашната екипа, Митаноска беше најдобар стрелец со 20 поени.
Посебна тежина на триумфот му дава фактот што Струга 2009 настапи со исклучително млад состав, со просечна возраст од само 15,5 години. Дополнително, тимот не можеше да смета на Хиса и Муртезаи, кои поради оправдани причини го пропуштија натпреварот, а се меѓу најискусните кошаркарки во екипата.
Тренерот на Струга 2009, Владимир Ѓоровиќ, изрази задоволство од прикажаното на неговите кошаркарки и ја истакна важноста на освоените бодови уште на стартот од сезоната.
„Ова е многу значајна победа за нас, особено затоа што станува збор за прво коло и гостување. Имаме многу млад состав, со просечна возраст од 15,5 години, а поради оправдани причини не можевме да сметаме на Хиса и Муртезаи, кои се наши најискусни кошаркарки. Сето тоа ѝ дава уште поголема тежина на оваа победа. Задоволен сум од пристапот што го имаа моите кошаркарки и од нивниот целокупен ангажман“, изјави Ѓоровиќ.
Со овој триумф, Струга 2009 на најдобар начин го започна натпреварувањето во Втората лига, испраќајќи позитивен сигнал за продолжението на сезоната. За младиот струшки состав, победата на гостински терен претставува значаен поттик и потврда дека со посветеност, борбеност и тимска игра може успешно да се носи со предизвиците во сениорската конкуренција.
StrugaOnline

