Стружанките доминантни во езерското дерби – убедлива победа на ЖКК Струга 2009 над ЖКК Охрид
Јуниорките на ЖКК Струга 2009 остварија убедлива победа во езерското дерби од јуниорската лига, совладувајќи го ривалот ЖКК Охрид со 66:36. Стружанките одиграа сигурен и организиран натпревар, особено во второто полувреме, кога целосно ја презедоа контролата и ја потврдија својата доминација.
Натпреварот започна одлично за стружанките, кои уште во првата четвртина стекнаа предност од 20:11. Сепак, раното убедливо водство донесе мало опуштање во играта, што гостинките го искористија и до полувремето се доближија на само четири поени разлика (29:25). Во продолжението, Струга 2009 заигра значително поцврсто во одбраната и со серија на поени ја реши средбата во своја корист.
Најефикасна во редовите на Струга беше Муртезаи со 17 поени, додека Мијевска и Зиба постигнаа по 8 поени. Даути додаде 6, Таранеши 5, а во листата на стрелци се запишаа и Мојсоска, Миладиновска, Стеблева и Дукоска со по 4 поени. Танаскоска, Коцареска и Незири придонесоа со по 2 поени, што ја потврдува тимската игра и рамномерната распределба на минутите. Кај екипата на Охрид, најдобра беше Трајческа со 20 постигнати поени.
По натпреварот, задоволство од прикажаното изрази тренерот на ЖКК Струга 2009, Владимир Ѓоровиќ.
„Почнавме одлично, но раното убедливо водство малку ја наруши нашата сериозност, па противникот се врати во игра и на полувреме резултатот беше 29:25. Во второто полувреме одигравме на многу високо дефанзивно ниво и сосема заслужено победивме убедливо. Задоволен сум што сите девојки добија шанса и сериозен простор и што сите се запишаа во листата на стрелци“, изјави Ѓоровиќ.
Со оваа победа, јуниорките на ЖКК Струга 2009 испратија јасна порака за својата форма и амбиции во продолжението од сезоната.
StrugaOnline

