Лев банер Десен банер

Успешно заврши јубилејното 5. издание на меѓународниот кошаркарски турнир „Ohrid Hoops 2026“

Охрид изминатите денови беше домаќин на јубилејното петто издание на Меѓународниот кошаркарски турнир „Ohrid Hoops 2026“, кој уште еднаш го потврди својот статус на еден од најзначајните младински спортски настани во регионот.

На турнирот настапија екипи од Турција, Грција, Албанија и Црна Гора, а младите кошаркари преку бројни натпревари демонстрираа квалитетна игра, фер-плеј, спортски дух и вистинско другарство.

Во категоријата У11, наменета за деца родени во 2015 година и помлади, шампионската титула ја освои екипата на Сутоморе од Црна Гора.

Кај кошаркарите до 13 години, првото место му припадна на турскиот состав Pertenviyel – Анадолу Ефес, кој се покажа како најуспешен во својата конкуренција.

Најголемо внимание привлече финалето во категоријата У15, каде што домашната селекција составена од младите кошаркари на Колибри и ГКК Охрид се соочи со грчкиот тим БЦ Ајас Евосму. Во неизвесен и квалитетен натпревар, победата ја извојуваа младите охриѓани, кои за првпат на турнирот настапија како заедничка селекција на двата локални клуба.

Оваа соработка добива уште поголемо значење ако се има предвид дека од оваа година Колибри и ГКК Охрид ќе настапуваат заеднички и во младинските лиги, со цел создавање поквалитетни генерации и подобри услови за развој на младите кошаркари во градот.

Претседателката на КК Колибри, Весна Балазоска Милошевиќ, истакна дека турнирот од година во година бележи континуиран раст и препознатливост надвор од границите на државата.

„Горди сме што успешно го реализиравме јубилејното петто издание на ‘Охрид Хупс’. Од година во година турнирот расте, привлекува поквалитетни екипи и станува препознатлив надвор од границите на Македонија. Посебно ме радува фактот што покрај спортските резултати, децата создаваат нови пријателства и носат прекрасни спомени од Охрид“, изјави Балазоска Милошевиќ.

Таа посочи дека заедничкиот настап на Колибри и ГКК Охрид претставува важен исчекор за иднината на младинската кошарка во градот.

„Оваа година добивме и дополнителна вредност преку заедничкиот настап на Колибри и ГКК Охрид, што е важен чекор за иднината на младинската кошарка во нашиот град. Верувам дека заедно можеме да создадеме уште подобри услови за развој на младите спортисти“, нагласи таа.

Воедно, таа упати благодарност до сите кои придонеле за успешна организација на настанот.

„Сакам искрено да им се заблагодарам на сите учесници, тренери, родители, волонтери, спонзори и институции кои помогнаа турнирот да биде организиран на високо ниво. Нашата цел останува иста – ‘Охрид Хупс’ да продолжи да расте и да биде горд амбасадор на Охрид и на спортскиот туризам во Македонија“, додаде Балазоска Милошевиќ.

StrugaOnline

error: