Лев банер Десен банер

ЖКК Струга 2009 не се откажува од врвот – победа над ЖКК Гостивар во дерби натпревар

Сениорките на ЖКК Струга 2009 ја продолжуваат трката за врвот на табелата во Втората македонска кошаркарска лига, откако во рамките на 9. коло на домашен терен славеа победа против екипата на ЖКК Гостивар со 52:48 (11:12, 6:15, 23:11, 12:10).

Иако стружанките имаа послаб старт на натпреварот и на полувреме заминаа со негатива од 10 поени, во вториот дел прикажаа далеку поангажирана игра, особено во одбраната, што им овозможи пресврт и заслужена победа.

Најефикасна во редовите на ЖКК Струга 2009 беше Муртезаи со 16 поени, додека Зиба постигна 11, Хиса 9, Милaдиновска и Даути по 6 поени, а Таранеши и Незири додадоа по 2 поени. Кај гостинската екипа најдобра беше Чолакоска со 14 поени, која настапува за Гостивар на двојна лиценца, како кошаркарка на екипата на Бадел.

По натпреварот, тренерот на ЖКК Струга 2009, Владимир Ѓоровиќ, им честиташе на своите кошаркарки, но и на противничката екипа, истакнувајќи ја важноста на победата:

„Честитки до моите кошаркарки за прикажаната борбеност, како и честитки до гостинската екипа. Со оваа победа, практично го обезбедуваме второто место пред плеј-офот, а за првото место ќе одлучуваме на натпреварот со Гевгелија, кој го играме во Струга. Денеска повторно лошо го отворивме натпреварот, што противникот знаеше да го искористи, но во второто полувреме заигравме многу поцврсто во одбраната и попаметно во нападот, што ни донесе победа,“ изјави Ѓоровиќ.

Тренерот потенцираше дека тимот мора да ги намали падовите во играта доколку сака посериозен резултат оваа сезона:

„Ако сакаме да направиме нешто повеќе оваа сезона, мораме да ги намалиме тие празни минути и да играме на највисоко можно ниво во текот на целиот натпревар. Сепак, ние сме најмлада екипа во лигата, нормални се осцилации. Голем дел од нашите кошаркарки настапуваат и во јуниорска и кадетска конкуренција, што значи дека секој викенд играат по два, а понекогаш и три натпревари,“ додаде Ѓоровиќ.

ЖКК Струга 2009 со оваа победа уште еднаш потврди дека останува сериозен кандидат за највисок пласман и со оптимизам го очекува клучниот дуел за првото место.

StrugaOnline

error: